|
Регион
За
Неготино
Територијата на општина Неготино зафаќа површина од 413 км2, со што се вбројува
во општините големи по површина во Републикава. Градот е сместен во средното Повардарие,
од двете страни на реката Вардар и зазема значителен простор во Тиквешката Котлина.
Низ коритото на Вардар ќе протече многу вода, реката повеќепати ќе го менува својот
тек, а населбата Неготино ќе се гради и ќе биде разрушувана, но секогаш, како
Феникс, повторно се обновува во ново руво. Жителите на овој град, како сведоци
на неговата долга историја, речиси сите настани кои му даваат обележје на градот
ќе ги претворат во песни што се раскажуваат, не давајќи настаните да паднат во
заборав. 
Во оваа општина според орографските услови нема планински села туку девет рамничарски,
а три се ридски населби, што е поволно за посовремена инфраструктурна опременост
на населбите. На територијата на општината Неготино, вкупната аграрна површина
зафаќа 48 997 ха.
Од тоа на обработливото земјиште му припаѓаат 21 971 или поточно
44,7%. Со најголем дел од земјоделските култури е застапена виновата
лоза.
Овој крај е прочуен по познатите сорти на бело и црвено вино што редовно се пласираат
на европските и светските пазари. Неготино има годишна преработка на 45-50 милиони
килограми грозје.
Историја на производство
на вино во повардарскиот регион
Кога се зборува за ВВ "Повардарие" секогаш се мисли на одличниот квалитет
на грозјето и врвните вина кои се произведуваат тука со традиција од прастари
времиња. Овој регион како
да бил создаден за одгледување на лозја, а доказ за тоа се бројни археолошки ископини
кои зборуваат за лозарското и винарското минато на овој регион. Климата и почвата
се идеални за одгледување на грозје и винарската индустрија. Можеби тоа била причината
што Старите Римјани и Старите Словени ја искористиле таа привилегија подарена
од природата.
Тука,
во сончевата Македонија, температурите на лето достигнуваат и до 40 С°, а
исто така овој регион е со најмал процент на врнежи. Таквата клима е многу погодна
за одгледување грозје со одличен квалитет и со највисок процент на природните
шеќери. |